3АГРИЖУВАЧКИ НАЈАВИ: Парното може да поскапи и 150% – еве што вели Бислимовски!

Ако зголемувањето на цената се ориентира според поскапувањето на природниот гас, тогаш цената на парно-греењето треба да се зголеми за 150 отсто, но државата ќе преземе мерки на ублажување, изјави денеска Марко Бислимовски, директорот на Републичката комисија за енергетика. Новата цена на парното ќе биде соопштена в петок.

На БЕГ, компанијата која беше одговорна за парно-греењето во Скопје, ѝ се одземени сите лиценци, па Владата ја задолжи АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) да формира три фирми за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија. Порталот „Фактор“ пишува дека Владата ќе склучи договор со „Адора енерџи“, компанијата на бизнисменот Ванчо Чифлиганец, за користење на двете топлани. „Адора инженеринг“ пред една година соопшти дека на јавна лицитација за 9,3 милиони евра ги купи скопските топлани Исток и Запад и најголемиот дел од останатиот имот на Топлификација АД, која е во стечај.

Останува да се види во која форма ќе биде постигнат договорот, а најверојатно ќе станува збор за закуп, додека сумата која ќе му се плаќа на „Адора енерџи“ треба да биде дополнително одредена. Топланите работат на гас, но и на алтернативно гориво. Владата исто така ќе донесе одлука топловодната мрежа од Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор да му се предаде на едно од новоформираните претпријатија. „Фактор“ дознава и дека ќе бидат преземени речиси сите вработени од БЕГ кои на број се околу 300. Сите процедури треба да бидат завршени до 1 септември. Режимот на работа ќе остане ист како и досега, а ќе продолжи и соработката со хибридната централа ТЕ-ТО.

Трите нови фирми на ЕСМ треба да ја преземат дејноста на БЕГ, компанијата која во меѓувреме во јуни остана без трите лиценци за работа.

На 21 јануари државата го презеде управувањето со БЕГ и Топланата Скопје Север преку АД ЕСМ, откако од БЕГ се пожалија дека немаат средства за набавка на гас за производство на топлина.

РКЕ во јуни како клучни причини во барањето за престанок на важноста на лиценците на БЕГ ги наведе: кредитна неспособност, нарушена ликвидност, правна несигурност во работењето поради многубројни судски постапки иницирани против БЕГ, оспорување на законитоста на лиценцата за регулирано производство на топлинска енергија од правни лица и институции, како и оспорување на валидноста на договорот за закуп на основни средства

Извор: МКД.МК

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде