Секој пратеник кој три дена е отустен се казнува со 280 денари

Доколку ученик не се појави на час, му следува неоправдан, студентот кој нема да дојде на три вежби, не добива потпис и не може да завери семестар. Вработен кој три дена не доаѓа на работа и не го оправда отсуството со лекарска белешка или друго, добива отказ… А дали и која мерка важи за пратениците во македонското Собрание коишто не се појавуваат на седници, иако се запишале како присутни во законодавниот дом?

Ниту завчера пратениците на пленарна седница не гласаа по точките од дневниот ред. Претходниот ден немаше кворум, а завчера немаше мнозинство. Денеска, пак, иако беа популарните пратенички прашања на кои опозицијата ги лови министрите и премиерот, во еден момент имаше само еден опозициски пратеник,  потоа и ниеден.

Нема одземање дневница, туку на пратеникот му се одбива само 5 отсто за неоправдано отсуство

На пратениците не може да им се одбие дневница, туку, според Деловникот, на пратеникот кој отсуствува најмалку трипати едноподруго од седниците на Собранието, а за тоа не го известил претседателот на Собранието, му се одбива 5 отсто од платата за секој ден отсуство, за што акт донесува Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

Според Правилникот од Законот за плати на пратеници и други избрани функционери, основица за пресметување на платата е просечната исплатена месечна плата по вработен во Републиката за претходната година, според податоци на ДЗС.

Коефициентите за утврдување на надоместоците на плата и на плата изнесуваат од 2,20 до 4,50. Па, за пратеник коефициентот е 3,5, додека  за претседател на Комисија е 3,7 и тој коефициент се множи со просечната плата. Лани во мај просечната плата изнесувала 28.721 денари, а годинава 31.407 денари.

Според оваа математика, произлегува дека месечната плата на пратеник изнесува околу 100.524 денари, а дека определената казна од 5 отсто за секој ден отсуство, изнесува околу 280 денари дневно! Со таа сума ќе биде „удрен по џебот“ народниот избраник кој по овој основ ќе го прекрши Деловникот.

Собранискиот спикер, Талат Џафери, кој се закани дека ќе побара и распуштање на Собранието, доколку продолжи праксата пратениците да не се појавуваат на седници, на денешниот брифинг  најави и донесување нов Деловник. Џафери притоа изрази надеж дека пратениците ќе бидат повеќе посветени на работата со новите правила и дека ќе мора и да присуствуваат на седница, штом стават потпис дека се присутни, а не да ги земаат патните трошоци и да си заминат.

– Никаде во светот пратеник не се регистрира на автомат кога доаѓа на работа. Тој е избран од граѓаните и се смета дека треба да работи со највисока свест! Деловникот вели пратеникот да се потпише пред сала и списокот е таму до 16 часот. Пратениците треба да си ја заработат платата и да бидат во салата. Владејачкото мнозинство не се заробеници, па цел ден да бидат на седница. Обврска на сите пратеници, и на опозицијата, е да присуствуваат на седница, рече Џафери.

Чувство за лична одговорност и грижа на совест

Во врска со тоа дали и колку пратеници досега, од овој пратенички состав, се казнети за неприсуство на седница, (оние пратеници кои се запишале како присутни, а не се појавиле на седница) од Собранието за НоваТВ изјавуваат дека „пратениците не земаат дневници за присуство на седници, а во работен однос се во Собранието додека им трае мандатот“.

Во случаи како овие од претходните денови, пратениците при влез во пленарна сала да се потпишуваат своерачно дека се присутни, но потоа не влегуваат во сала и не учествуваат во работата за којашто се платени, според Деловникот, не е определена никаква мерка?!

– Останува само чувството за лична одговорност и евентуално, грижа на совест на пратениците, велат од кабинетот на Претседателот на Собранието, Џафери.

Од ова прозлегува дека нема доволно механизми за гаранција на непречена работа на Парламентот. Додека за мерката кога три дена се неоправдано отсутни, досега имало такви случаи пратеник да биде казнет со пет отсто, но тие се малубројни, потврдуваат од Собранието.

На пример, на сега веќе покојниот Арбен Џафери му беше одземен пратеничкиот мандат бидејќи шест месеци не присуствувал  на седници на Собранието, но потоа на избори тој повторно го доби мандатот.

Пратениците имаат права и должности да присуствуваат на седници  

Според Деловникот, како што појаснуваат од Собранието, пратениците имаат  права и должности да присуствуваат на седници на Собранието, и да учествуваат во работата и во одлучувањето.

ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕТЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ НА „НОВА ТВ“ – ТУКА.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде