Надлежните уверуваат: Храна ќе има

Кризата со храната во светски рамки станува се поактуелна. Состојбата е загрижувачка, а последиците, велат експертите, допрва ќе се чувствуваат.

Руско-украинскиот конфликт дополнително го наруши глобалното снабдување кое веќе беше загрозено од климатските промени и корона-пандемијата.

Колку земјава успева да се справи со ваквите „закани“ и како го менаџира ударот? Кој е резултатот од досегашните мерки за заштита на граѓаните и стопанството, се интензивира ли домашното земјоделско производство и кои култури се „најкритични“ ?

Надлежните уверуваат дека храна ќе има. И науката смета дека со недостиг нема да се соочиме, но предупредува на внимателност околу цените на одредени производи.

Според земјоделците, може да се справиме со предизвиците и да обезбедиме сопствена храна само доколку политиките, мерките и субвенциите бидат креирани во насока на јакнење на вистинските производители, оние чија основна дејност е земјоделството. Бизнисот, пак, е дециден, дека ќе бидеме погодени од глобалниот недостиг, но колку, не може точно да се каже зашто зависи од тоа што ќе се преземе за да се намалат несаканите ефекти.

-Актуелната состојба секако загрижува, но моето мислење е дека кај нас сепак нема да се случи недостиг од храна. Она што не погодува и на што треба да сме внимателни е цената на одредени земјоделско-прехранбени производи кои ние не ги произведуваме во доволни количини и кои се од увоз, а сведоци сме дека цените сериозно пораснаа.

Увозно сме зависни за одредени производи, но за жал тоа се основните прехранбени производи, пред се пченицата (брашното), маслото за јадење, месото (пилешко и говедско), млекото,… Она што е за нас како држава позитивно во оваа криза, предизвикана пред се од руско-украинскиот конфликт, е што не сме увозно зависни од овие дестинации.

Главно ги увезуваме овие производи на регионалниот пазар, пред се од Србија, Хрватска, Бугарија, Унгарија, вели за МИА професорот Драги Димитриевски од Факултетот за земјоделски науки и храна.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде