Заврши владината седница: Објавена убава вест за пензионерите

Портпаролите на Владата Муамет Хоџа и Душко Арсовски на денешната редовна прес-конференција информираа подетално за заклучоците и одлуките донесени на вчерашната 83-та седница на Владата на Република Македонија.

Портпаролите соопштија дека Владата на вчерашната седница донесе Одлука за продолжување на рокот за траење на мерката за ограничување на маржата на основните прехранбени производи во трговијата на големо и на мало за следните три месеци, односно до 31 декември 2022 година.

Одлуката се носи заради потребата од ограничување на растот на цените на мало на основните прехранбени производи, како и поради тоа што состојбата на пазарот укажува дека цените не се стабилизираат.

Висината на трговска маржа на трговските друштва и трговските поединци кои учествуваат во трговскиот ланец на продажба на бел леб, бел шеќер и сончогледово масло за јадење се утврдува во висина до 5% во трговијата на големо и на мало.

Исто така, со оваа Одлука се утврдува максималната маржа до 10% во трговијата на големо и на мало и тоа за следните производи: брашно од пченица, макарони и шпагети, македонски бел ориз и трајно кравјо млеко и јајца.

Во врска со оваа тема, на новинарско прашање за покачувањето на млекото и млечните производи и зголемената цена на огревното дрво, беше истакнато дека на претходна седница, минатиот месец, Владата донесе Одлука за определување на највисоката трговска маржа, како посебен услов за трговијата на огревно дрво од даб, од бука и пелети за огрев.

Највисоката трговска маржа на овие производи за сите трговци се утврдува во висина од најмногу 10%.

Исто така, беше посочено дека економскиот тим на Владата е во постојана комуникација со сите засегнати страни и во наредниот период ќе се донесат и други мерки, за кои јавноста ќе биде информирана.

На денешната прес-конференција, портпаролите соопштија и детали за вчера, разгледаниот и усвоен Предлог-законот за ратификација на Рамковната спогодба за финансиско партнерство помеѓу Европската комисија и Владата, на предлог на Министерството за надворешни работи.

При тоа, што беше истакнато дека Рамковната спогодба за финансиско партнерство за ИПА III претставува најважен акт со кој се регулираат односите помеѓу Владата на Република Македонија и Европската комисија во спроведувањето на ИПА III, а која произлегува од регулативи на Европската Унија кои треба директно да се применуваат по склучувањето и влегувањето во сила на оваа Спогодба.

Портпаролите информираа дека на вчерашната седница е разгледан и усвоен и Предлог-законот за изменување на Законот за заштита на децата, кој е испратен во Собранието за донесување по скратена постапка.

Со него се регулирани категориите и нивоата на даватели на јавни услуги во јавните установи за деца, како и нивните плати и надоместоци на плати.

Со ова практично се врши усогласување со Законот за минимална плата и се утврди нејзино зголемување.

Се менуваат критериумите за годишно усогласување на минималната плата со 50% од годишниот раст на просечната плата и 50% од растот на трошоците за живот, согласно податоците на Државниот завод за статистика.

Како системско решавање, со законот се утврдува дека висината на минималната плата не може да биде пониска од 57% од просечната плата објавена од Државниот завод за статистика, за претходната година.

Со новите измени и дополнувања на Законот за заштита на децата на давателите на јавна услуга во детските градинки им се овозможува понатамошен раст на платите со растот на законски утврдената минимална плата и скалесто усогласување на останатите плати на давателите на услуги од сите нивоа, како и обезбедување на континуитет на промените на платите во однос на минималната плата на национално ниво, како долгорочна цел.

Со овој Предлог – закон се врши и дополнително зголемување на платите на сите даватели на услуги во градинките за 15%.

На седницата е усвоена редовната Информација за исплата на пензии за тековниот месец.

Задолжен е Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија да ги достави податоците за пензиите до деловните банки најдоцна до 28.09.2022 година.

Се препорачува на деловните банки да обезбедат пензионерите да може да располагаат со септемвриските пензии преку мрежата на банкомати и во трговската мрежа од 29.09.2022 година.

Подигнувањето на пензиите преку филијалите и експозитурите на банките за пензионерите кои не користат картички, ќе се реализира во четири групи, според висината на пензиите исто како и до сега.

Со септемвриската пензија околу 330 илјади пензионери во државата ќе добијат повисоки пензии за 6.8%, согласно новата методологија воведена со последните измени во Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кои стапија на сила во март оваа година.

Новата Методологија предвидува усогласување на пензиите со комбиниран модел од 50% пораст на просечната плата на сите вработени во државата и 50% пораст на трошоци на живот, согласно официјалните податоци на Државниот завод за статистика.

Усогласувањето ќе се врши два пати во годината, односно во март и септември, што значи ќе ги следи промените во двата индекси за усогласување.

Одговарајќи на прашања од медиумите, по однос на барањата на некои општини да се продолжи зимскиот распуст на учениците заради штедење на струја и огрев, како и да се субвенционираат трошоците за огрев од Владата, беше речено дека Владата не разговарала за ова на последната седница.

Притоа беше повторено дека Владата останува посветена во насока на надминување на предизвиците условени од енергетската криза и е во постојана комуникација со сите засегнати страни.

„Сакаме да информираме дека нема промена во начинот на реализација на наставата со физичко присуство во основните и средните училишта. Затоплувањето на училиштата е во надлежност на локалните самоуправи кои се должни да си ги обезбедат потребните суровини за огрев за што Министерството за образование и наука им префрла блок дотации. Важно е да се каже дека тие се одговорни и секако, во интерес на учениците е наставата да се одвива со физичко присуство“, беше истакнато на денешната редовна прес-конференција, по вчерашното одржување на 83-та седница на Владата.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде