Незадоволниците во ДУИ, кои вчера и писмено се произнесоа наведувајќи го Артан Груби како една од клучните причини што ДУИ губи гласови,
истакнувајќи го за пример поразот во Тетово, и предизвикаа сериозна поделба во партијата, вчера добиле понуда – главата на Бујар Османи и нивен човек на негово место за примерје во партијата, наведуваат извори за ТВ 21.
Понудата била испратена преку посредник, министер во Владата, но била одбиена од т.н. Огнена група, чии членови навеле дека проблемот во партијата е Артан Груби и целата министерска свита, а не само Бујар Османи.
На чело на групата незадоволници се Муса Џафери, Изет Меџити, Невзат Бејта, Блерим Беџети, Висат Ганиу и други видни партиски личности.
Членови на ДУИ во соопштение испратено до јавноста обвинуваат дека во партијата речиси две години не постојат и не се формираат статутарните партиски тела и дека политичкото одлучување, како што велат, станало индивидуално.
Во писмото, потпишано од 20-тина членови меѓу кои и Изет Меџити, Муса Џафери, Висар Ганиу, Невзат Бејта, Блерим Беџети, а испратено преку меил адресата на општина Чаир,
се бара внатрепартиска дебата за да се надмине состојбата и го повикуваат лидерот на партијата Али Ахмети да го искористи својот политички и статутарен авторитет за да се најде решение за зачувување на партиското единство.
-Во ДУИ речиси две години не постојат и не се формираат статутарните партиски органи. Како последица на ова, политичкото одлучување стана индивидуална сопственост.
Нема дебата и консултација со партиските бази. Кадровските избори се претворија во привилегија на поединецот Артан Груби, се вели меѓу другото во писмото.
Потписниците наведуваат дека „арогантното однесување на извршната власт на чело со Артан Груби предизвикало незадоволство, револт и пасивност на структурите и на гласачите“.