Нема крај на убавите вести за пензионерите: Премиерот Ковачевски најави уште едно зголемување на пензиите!

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска гостуваше во Телевизија 24, каде зборуваше на неколку теми кои се во надлежност на Министерството за труд и социјална политика.

„Пензионерите ги добија септемвриските пензии, зголемени за 6.8% и согласно новата методологија, усогласување на пензиите ќе има два пати во годината, септември и март. Целта на ваквото решение е воспоставување на систем за постојан раст на пензиите.

Во бројки пензионер со просечна пензија во август 16.376 денари, во септември добил 17,490 денари, споредно со јуни 2017 година, тоа е околу 3500- 4000 денари повеќе пари на сметката на секоја пензионер“, рече Тренчевска.

Новата методологија предвидува усогласување на пензиите и тоа, според движењето на индексот на трошоци за живот во висина од 50% и порастот на просечно исплатена плата на сите вработени во државата во висина од 50%, согласно официјалните податоци на Државниот завод за статистика.

„Граѓаните да бидат спокојни, пари ќе има и за исплата на пензии и за плати”, рече Тренчевска. Посочувајќи дека средства за исплата на пензии, плати и надоместоците за социјална и детска заштита, се предвидени во Буџетот.

Министерката информираше дека, со здруженијата на пензионери веќе е разговарано и за зголемување на минималната пензија, за што ќе се отвори социјален дијалог и ќе се креира најиздржаното решение.

Министерката се осврна и на коментарот за новата методологија на усогласување на пензиите и линеарното зголемување на пензиите, при што посочи дека преку процентот за пораст на пензиите, согласно новата методлогија се потврдува дека системот е праведен.

Затоа што правото за остварување на пензија е уставно загарантирано право и секој работник со исполнување на условите за пензионирање, односно со навршување на 64 години за маж и 62 години за жена, во формирањето на висината на пензијата се зема предвид вкупниот работен стаж и просекот на плата што ја земал во работниот век.

Министерката истакна дека, повисока плата значи и повисока позиција и поголеми одговорности, затоа праведно е процентуалното зголемување на пензиите.

Линеарното зголемување од 600 денари што го правеше минатата власт е непочитување на законското решение и популистичка мерка. Преку усогласувањето на пензиите согласно новата методологија, пензиите имаат постојан раст и притоа, секое усогласување влегува во основицата на пензијата.

Таа потсети дека, со јануарското усогласување на пензиите од 2.9% и заедно со 6.8% за месец септември, оваа година пензиите пораснале за 9.7 %. Како и дека 330. 000 пензионери добија и финансиска поддршка од 3000 денари за полесно справување со економска криза.

Премиерот Димитар Ковачевски најави ново зголемување на пензиите.

„Ги зголемивме и пензиите. Тие се зголемени за 10%, ќе има уште едно зголемување во март идната година кое што исто така ќе биде сигурно околу 6%, што значи за една календарска година ќе бидат зголемени за 16%“, одговори премиерот Димитар Ковачевски на новинарско прашање.

Во однос на најранзливите категории денеска на седница министерката за труд и социјална политика презентирала предлог.

„Ранливите категории ќе бидат опфатени со еднократна парична помош која ќе ја добиваат во наредните неколку месеци. Ресурсите со кои располага државата треба да се распоредат таму каде што има најголема потреба, а тоа се лицата кои примаат социјална помош, самохрани родители, деца без родители итн.“, додаде Ковачевски.

Тој додаде дека Владата ќе продолжи и со поддршката на компаниите. А во однос на цените на основните прехранбени продукти рече дека е ограничена маржата но и дека постојано има засилени контроли.

„Кога ја зголемив минималната плата ме критикуваа, се сега гледаат зошто ја зголемивме“, заклучи Ковачевски.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде