Драма во касарната „Илинден“: Влегле косовоски државјани!

Двајца млади косовски државјани вчера се уапсени во кругот на касарната „Илинден“, поради сомнение дека неовластено влегле во воен објект, соопштија денеска од МВР.

„На 05.10.2022 во 17.30 часот на бул.„Никола Карев” во Скопје, во кругот на касарната „Илинден”, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело по член 350 од Кривичниот законик, полициски службеници од Полициската станица Карпош ги лишиле од слобода J.K.(29) и Ш.E.(25), двајцата од Косово.

Тие биле приведени во Полициската станица Карпош за понатамошна постапка“, се вели во кусото полициско соопштение во кое не се откриваат повеќе детали.

Во зависност од тоа дали ќе биде утврдено дека Косовците само влегле во касарната или дека влегле и се обиделе да снимаат или фотографираат, ним им се заканува од парична казна, до три години затвор.

Кривичното дело за кое се осомничени е Неовластено влегување во воени објекти и правење скици или цртежи на воени објекти и борбени средства:

(1) Тој што заради извидување неовластено ќе влезе во воен објект иако знаел дека пристапот е забранет, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.

(2) Тој што неовластено прави скици или цртежи на воени објекти или на борбени средства или ги фотографира, односно на друг начин ги снима, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде