Моpбидно: Со ковчези и погребна поворка жителите на Пржино симболично ги погpебаа основните права

Група граѓани од скопската населба Пржино, жители на слеп крак од истоимената улица (каде што пред две години спорна градба урна потпорен ѕид), покренаа петиција/жалба до Министерството за транспорт и врски за да укажат дека нема нивна согласност за градба во овој дел.

Во обид да го свртат вниманието на јавноста на нивниот проблем – дека институциите може да дозволат градбата да продолжи и покрај нивното несогласување – жители од населбата организираа своевиден перформанс со макети на мpтовечки ковчези и кpстови, во симболична погpебна поворка за основните егзистенцијални права: на вода, мир, здравје, сонце и воздух.

Ова се случува откако одобренијата за градба на фирмата која ја гради спорната зграда, „Топ Метал“ во август беа укинати од градоначалникот на Општина Кисела Вода, а фирмата сега поднела жалба до Општината, која ќе оди во комисија во Министерството.

Пред две години, од Министерството ги одбиле приговорите на жителите за одобрението, а тие обвинуваа и дека Деталниот урбанистички план во општината е „криминалистички“.

Во петицијата до Министерството, тие сега велат дека дека не дале согласност за градба во дадениот обем и бараат жалбата на инвеститорот да се одбие.

„Во моментов на нашата уличка од 16 семејства веќе се создава сообраќаен хаос, што ќе се случува кога тука ќе се движат дополнително минимум 16 нови возила?

Што се случува со квалитетот на воздухот кога протокот на возила ќе биде најмалку четирипати зголемен бидејќи возила ќе сообраќаат до крајот на слепата уличка во која не можат да се разминат две возила?

Во моментот сите соседи имаат проблем со одлевање на фекална вода по улици, подруми и дворови. Ни новоизградената атмосферска канализација не го реши проблемот. Во моментот постојано имаме прекини во водоснабдување и електрична енергија, кои предизвикуваат расипување на електричните апарати, бојлери, компјутери, греалки, проточни чешми.

Прашуваме како овој планиран несразмерен објект на постојната изграденост и постојната канализациона, електрична и сообраќајна мрежа градена во 1960-тите ќе значи ‘рационално и одржливо користење на просторот’ и ‘заштита и унапредување на животната средина и природата’?“, велат жителите во петицијата до Министерството за транспорт и врски.

Тие бараат Министерството целосно да го потврди поништувањето на сите одобренија за спорната градба и да ја отфрли жалбата на градежникот како неоснована.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде