Платежната агенција соопшти дека денеска се исплатени 89.455.245 денари на 5.851 млекопроизводител за произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко.
Исплатите се однесуваат на предадено млеко во јуни и јули 2021 година согласно пријавените количини од страна на преработувачките капацитети.
Корисници на оваа поддршка се земјоделските стопанства регистрирани како одгледувачи на говеда, овци и кози во Регистарот на одгледувалишта.
Висината на директните плаќања изнесува 3,5 денари по литар произведено и предадено кравјо млеко во преработувачки капацитети запишани во регистарот на откупувачи на земјоделски производи и 4,5 денари по литар за произведено и предадено овчо и козјо млеко.
-Продолжуваме со исплата на финансиската поддршка за млекопроизводителите. Во месец октомври се исплатени предадените количини за пет месеци, а во следниот период ќе се изврши поддршката за предадените количини за август и септември.
Исто така, АФПЗРР се спрема за исплата на финансиската поддршка за предадените градинарски и овошни култури, информира директорот Бачовски.
Агенцијата продолжува со обработка на барањата за финаниска поддршка од програмата за директни плаќања со што континуирано ќе продолжи и исплатата на мерките.