Нивниот „вординг“ не одговара на партиите кои се за интеграција на земјата во ЕУ, порача в.д. претседателот на Алијанса за Албанците
Мицкоски, пак, во емисијата „360 степени“ рече дека при евентуално идно формирање влада како потенцијален коалициски партнер ја преферира албанската опозиција, но дека важно е и да се има двојно мнозинство во Собранието.
Актуелниот градоначалник на Гостивар и в.д. претседател на опозициската Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, во синоќешното гостување во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21
ѝ порача на ВМРО-ДПМНЕ да си ги преиспита постапките бидејќи прави грешки со кои си го намалува коалицискиот капацитет за коалиција со некоја албанска партија.
„Сметам дека ВМРО-ДПМНЕ треба да ги преиспита нивните политики. Нивниот ’вординг‘ не одговара на партиите кои се за интеграција на земјата во ЕУ.
ВМРО-ДПМНЕ прават грешки и затоа сметам дека треба да ги преиспитаат нивните политики. Државата треба да тргне напред и сите да помогнеме што побрзо да се почнат преговори со ЕУ.
ВМРО со иницијативата за референдум направи грешка. Но, прават и други грешки и со тоа се намалува коалицискиот капацитет со албанските партии“, вели Таравари.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, минатиот петок во емисијата „360 степени“ рече дека при евентуално идно формирање влада како потенцијален коалициски партнер ја преферира албанската опозиција, но дека важно е и да се има двојно мнозинство во Собранието.
„Јас ја преферирам албанската опозиција, но честопати го говорам тоа и ќе го повторам во вашата емисија дека, сепак, има едно правило над сите правила и желби,
а тоа е правилото на Бадентер кое, доколку сакаме да имаме успешно спроведени реформи, мораме да го почитуваме“, рече Мицкоски.