Конечно убава вест: Паднаа цените на нафтата на светските берзи

Цените на нафтата паднаа под 93 долари на меѓународните пазари денеска под притисок на мрачните изгледи за економијата и силниот долар, што ги потисна стравувањата од недоволна понуда. 

На лондонскиот пазар цената на барелот по пладне беше пониска за 1,42 долари во однос на вчерашното затворање и изнесуваше 92,87 долари. На американскиот пазар барелот се тргуваше по пониска цена од 1,54 долари, по 87,81 долари.

Во фокусот на пазарот денеска беше Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), која во својот редовен месечен извештај ги намали проценките за растот на глобалната побарувачка за нафта во оваа и следната година, за 460 илјади и 360 илјади барели на ден, соодветно.

Зголемена неизвесност и зголемени предизвици

Светската економија влезе во период на зголемена неизвесност и зголемени предизвици, истакна ОПЕК, имајќи ја предвид високата инфлација, построгата политика на централните банки на водечките економии, високиот јавен долг во многу земји и проблемите со набавките.

Намалената прогноза за растот на побарувачката објаснува зошто ОПЕК и неговите сојузници одлучија да го намалат производството за два милиони барели дневно од ноември, што предизвика остри критики од САД, забележува Reuters. По таа одлука на ОПЕК +, американскиот претседател Џо Бајден се закани со „последици“ за односите со Саудиска Арабија.

Одговорот на Вашингтон „го засили првичното влијание (одлуката) на нафтениот пазар“, рече аналитичарот на Verisk Maplecroft, Торбјорн Солтвед, но тој може да биде попригушен отколку што сугерира одлуката, додаде тој.

Посилниот долар ја поскапува нафтата за купувачите со други валути

„Министерот за енергија на Саудиска Арабија, принцот Абдулазиз бин Салман, појасни дека вистинското намалување ќе биде поблаго од вкупната бројка од два милиони барели дневно, бидејќи неколку земји-членки не го достигнале плафонот за производство“, се потсетува аналитичарот на Верис Мејплкрофт.

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) вчера изрази загриженост за економијата, предупредувајќи дека една третина од светската економија може да доживее пад на активноста оваа и следната година.

Цените беа намалени и од силниот долар денес, кој го достигна највисокото ниво во однос на јапонскиот јен во последните 24 години поради загриженоста поттикната од инфлацијата и брзото темпо на зголемување на каматните стапки во САД.

Посилниот долар ја поскапува нафтата за купувачите со други валути и на тој начин ја намалува побарувачката. Во посебен извештај ОПЕК објави дека цената на барел од нафтената кошница на нејзините членки во вторникот паднала за 3,1 долар, на 96,03 долари.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде