Работниците и синдикатите да бидат мирни, никој ниту ги намалува платите на вработените, ниту нивните права, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски,
коментирајќи ги реакциите од синдикатите по Планот за фискална консолидација што го усвои Владата за намалување на трошоците во буџетските институции.
Премиерот соопшти дека е донесена одлука да бидат ревидирани менаџерските договори во голем број институции под ингеренции на Владата, а Комисијата за економски систем е задолжена да ја дефинира новата форма.
Ковачевски порача дека менаџерите на институциите мора да воспостават системи и работа од дома, со ротација од 30 проценти од вработените, а со тоа да се намалат трошоците.
Исто така, тој посочи дека треба да се делува и во усогласување на платите затоа што постојат, како што рече,
институции каде директорите и членовите на управните одбори добиваат несразмерно повисоки плати споредено со обврските што ги имаат на пример претседателот на државата или министрите.
– Раководителите на институциите да го прават тоа што го прави и приватниот систем, да воведат менаџмент систем со ротација на вработени,
да имаат поголема контрола во делот на исплатата на прекувремени саати, кои може да се менаџираат и со годишни одмори.
Постојат повеќе алатки што менаџерите можат да ги користат – рече Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања.
Тој соопшти дека поради неиспорачување резултати побарал да биде разрешен менаџментот на „Колска“, чии вработени денеска протестираа пред Владата барајќи исплата на заостанатите плати.