Власта потврди: Дел од администрацијата ќе работи од дома за пониски плати од 10 до 30 %

Дел од администрацијата да работи од дома, со намалени плати, суспензија или укинување на колективните договори, намалување на прекувремената работа… само се дел од мерките коишто ги планира Владата за намалување на расходите.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски на ТВ Телма откри дел од мерките и препораките на Владата за намалување на расходите на буџетските корисници.

-Освен мерката за намалување за 10 отсто на платата, која единствено беше соопштена јавно, документот содржи уште неколку точки, меѓу кои и државната администрација да работи од дома, со ротации.

Намалување на прекувремената работа за преку 20 отсто во МВР, во Агенцијата за национална безбедност, во Агенцијата за разузнување, откри Деаноски.

За синдикалците, најспорен е предлогот и, според нив, намерите на Владата да бидат суспендирани или укинати колективните договори со кои се регулираат правата на работниците во одредени сектори.

Вчерашната седница на владиниот Економско-социјален совет, прва по шест месеци, била прекината, откако според синдикалците, тие не успеале да ги убедат владините претставници да ги стават на дневен ред точките со нивните барања.

На ваквите најави денеска реагира и Претседателството на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) кое изрази категорично противење.

-Ниту еден колективен договор на ниво на гранка или општ колективен договор, не може да биде откажан или ревидиран за одредбите кои имаат фискални импликации.

Нема да дозволиме намалување на работничките права преку кратење на плати, неисплаќање на додатоци и надоместоци од плата.

ССМ и гранковите синдикати при ССМ нема да даваат согласност за какви било измени и дополни на колективните договори во насока на намалување на работничките права, е ставот на Синдикатот.

За евентуално директно кршење на Уставот, националните закони и меѓународните трудови стандарди, ССМ најавува дека ќе ги информира европските и светските синдикални организации, Меѓународната организација на трудот, Европскиот совет и сите надлежни институции на домашно и светско ниво.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи денеска потврди дека постојат  препораки за штедење.

-Владините мерки и препораки за намалување на расходите на буџетските корисници не се насочени кон УПОЗ, ниту се однесуваат кон некого лично…

Во нив се дадени совети што треба да направат институциите од централната и локалната власт, јавните претпријатија и акционерските друштва, рече Битиќи.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде