Македонската радио телевизија (МРТ) потврди – нема да учествуваме на Евровизија во 2023 година што ќе се одржи во Велика Британија.
Како причина во соопштението на Јавниот сервис се наведуваат зголемените трошоци поради енергетската криза и зголемениот износ за котизација за самото учество на музичкиот спектакл.
„Ваквата одлука е во најдобар интерес за граѓаните, имајќи ги предвид зголемените трошоци поради енергетската криза кои зафаќаат голем дел од буџетот на Јавниот сервис, но и зголемената котизација за самото учество на Евровизија 2023,
којашто до лани изнесуваше 39.143 евра, а за идната година се очекува да биде повисока.
Оваа одлука ќе овозможи заштеда на средства коишто би требало да бидат издвоени за престојот на македонската делегација во Ливерпул, каде што се одржува Евросонг 2023“, велат од МРТ.
Но, фановите на манифестацијата во земјава, сепак, нема да бидат скратени за задоволството да ги проследат двете полуфинални вечери, како и финалната, од кои МТВ ќе врши пренос.
Од Јавниот сервис, истовремено, изразија надеж дека, по стабилизирање на состојбата, земјава ќе се врати на евровизиската сцена во 2024 година.