Владимир Путин изјави дека веќе нема потреба од масовни напади на Украина, која деновиве беше изложена на најжестоките ракетирања од почетокот на војната, при што беа погодени бројни цивилни инфраструктурни објекти.
Тој изјави дека најголем дел од одредените мети биле погодени, додавајќи дека негова цел не е да ја уништи Украина.
„Планираната мобилизација на 300.000 резервисти ќе биде постигната за неколку недели“, изјави Путин.
Зборувајќи на самитот на регионални лидери во Казахстан, Путин кажа дека во последните ракетни напади биле уништени 22 од планираните 29 цели во Украина.
„Веќе нема потреба од масовни напади. Сега имаме други задачи“, кажа Путин.
Украина одбива да се вклучи во мировни преговори, изјави рускиот претседател Владимир Путин пред новинарите денеска, запрашан за можните преговори за ставање крај на конфликтот меѓу двете земји.
Штом Москва ги повлече своите сили од Киев, украинската влада го загуби апетитот за мировни преговори, рече рускиот претседател.
Владата во Киев „велеше дека сака разговори и наводно ги бараше, но сега издадоа формална одлука што ги забранува“, рече тој на прес-конференција во Астана, Казахстан.
Путин рече дека Русија и Украина постигнаа прелиминарен договор што можел да ги прекине воените дејствија, за време на разговорите со посредство на Турција кон крајот на март.
„Тие договори беа речиси потпишани. Но штом војниците беа повлечени од Киев, раководството во Киев изгуби секаква желба за разговори“, забележа тој.
Тој додаде дека доколку Киев е „зрел за разговори, ќе биде потребно посредување“.