Денес Македонија загуби уште еден великан. Почина македонскиот ликовен уметник Јован Балов

Почина македонскиот ликовен уметник Јован Балов, кој живееше и твореше во Берлин, Германија. Балов почина вчера, неколку недели пред неговиот 61. роденден, а веста за смртта ја објави на социјалните мрежи неговото семејство.

Освен неговата богата ликовна дејност, Балов беше познат и по тоа што ја отвори берлинската сцена за колегите од Македонија и Балканот, поради што многумина го идентификуваат како амбасадор на регионот.

Од 2004 во галеријата „Прима центар“ во Берлин по заслуга на Балов се реализирани голем број ликовни претставувања на македонски и на странски автори.

„Воопшто и не планирав да бидам некој кој ќе ги поврзе Берлин со Македонија и балканската уметност. Затоа и за мене големо изненадување беше и доделувањето на медалот и моето прогласување на Херој на балканската култура во Атина, во 2007 година. После тоа почнав да размислувам во тој правец, но тоа не е моето определување!

Јас сум пред се’ уметник. Но, има дел од мене кој сочувствува со колегите. Затоа и одлучив да ја задржам галеријата ‘Прима центар’, продолжив да работам со неа и што е можно побрзо да ја претворам во платформа за алтернативната и млада македонска уметност. Одоговрноста е голема.

Јас ја познавам берлинската сцена, услови, криктика и многу добро знам кој тука би се вклопил, а кој не“, изјави Балов во едно интервју за „Дојче веле“ пред 10 години.

Во уметничката кариера од 40 години, Балов реализирал многубројни проекти и изложби во Германија, Русија, Словенија, Франција, Грција, Австрија, Полска, Финска, Израел, Англија, Србија, Италија и во многу други земји. Последното претставување е закажано за 21 октомври во групна изложба во галерија во Берлин.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде