Ако се проневери еден денар да скапеме во доживотен затвор, вели првиот вицепремиер Артан Груби. Ова се однесува за проектите за коридорите 8 и 10.
Груби ова го кажа пред бизнисмените во Стопанската комора каде повторно го бранеше проектот за изградба на коридорите 8 и 10, кој од изборот на конзорциумот за надзор, па до необјавувањето на договорот со „Бехтел и Енка“ предизвикува реакции во јавноста.
Груби законските измени ги префрли кај пратениците, не биле барање на „Бехтел и Енка“, туку на народните избраници, откако претходно направиле консултации со колегите во Хрватска, Албанија, Косово и Романија.
Како што кажа вицепремиерот, обвинувањата за корупција се неосновани.
Тој е со став дека ниту еден политичар нема да се впушти во коруптивни дејствија со компании како „Бехтел и Енка“ или пак со држави како САД и Турција.
Наведено е дека израдбата на коридорите 8 и 10д значи нови 8.000 вработувања, нови инвестиции од 1,3 милијарди евра и номинален раст на БДП за 2 отсто годишно во наредните пет години.