Македонскиот државјанин Д.Л. (21), кој вчера вечер во 19 часот и 40 минути беше ранет во грбот на аголот од улиците Цар Николај Втори и Максим Горки во Белград, најверојатно е случајна жртва на пукањето, пренесува српски Курир.
Во престрелката најпрвин во натколеницата е ранет А.П.(26), а со два куршуми Д.Л. Истрагата треба да утврди дали македонскиот државјанин е случајно ранет.
-Ранетиот Д.Л го донел негов пријател на влез во соседната улица Новопазарска. Таму го сокрил и повикал полиција и брза помош. Тој со ранет другар се движел од Његошева кон улицата Максим Горки, кога пред позната обложувалница дошло до пукање.
Набрзо пристигнала брзата помош и полиција, а кога ранетиот македонски државјанин бил внесен во автомобилот, на грбот биле видливи две крвави рани од куршуми.
Инаку, полицијата во Белград со брза и ефикасна акција уапсила лице со иницијали Н.Ѓ. (20) за убиство во обид и недозволено изработување, држење, носење и тргување со оружје и распрскувачки материи.
Тој најверојатно синоќа на улицата „Максим Горки“ им нанел тешки телесни повреди со истрели од огнено оружје на дваесет и шестгодишен белграѓанец и на дваесет и едногодишен државјанин на Северна Македонија, а потоа побегнал.
Полицијата набрзо го идентификувала и го пронашла.
По наредба на Вишото јавно обвинителство во Белград, на осомничениот му е одреден притвор до 48 часа, по што ќе биде изведен пред обвинител.