Општина Пустец на петгодишнината од смртта му оддаде почит на Спасе Мазенковски, големиот македонски патриот, писател, новинар и публицист и еден од најголемите борци за правата на Македонците во Албанија.
На настанот одржан во салата на Советот на општината присуствуваа неговио син Владимир и ќерката Елеонора, негови сограѓани, колеги, претставници на локалната власт, на македонската партија МАЕИ, како и почитувачи на неговото дело.
На синот Владимир Мазенковски, градоначалникот Пали Колефски му го врачи признанието почесен граѓанин, донесена постхумно од страна на Советот на општината, нагласувајќи дека тоа е најмалку што може да сторат за огромниот придонес на неговиот татко.
-Поради неговото несебично залагање за унапредување на правата на Македонците во Албанија и за огромниот придонес како новинар, писател, публицист и афирматор на македонската култура и историја во Албанија, Советот на Општина Пустец уште во јули 2018 година донесе одлука со која Спасе Мазенковски посхумно е прогласен за почесен граѓанин на општина Пустец.
Денеска ја организиравме ова свеченост за доделување на почесната титула на членовите на неговата фамилија и да се потсетиме на неговото дело. Спасе Мазенковски направи многу за правата на македонската заедница во Албанија.
Општина Пустец секогаш ќе го спомнува неговото дело. Заедно со Васил Стерјовски разгледуваме повеќе идеи како да го сочуваме споменот за него во Општина Пустец, рече Колефски.
Претседателот на партијата Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ Васил Стерјовски, рече дека целиот свој живот Спасе Мазенковски го посветил на афирмација на македонскиот етнички, јазичен, културен и верски идентитет и за унапредување на положбата и правата на Македонците во Република Албанија.
-Тоа што е Гоце Делчев за македонскиот народ, тоа е Спасе Мазенковски за Македонците во Албанија. Нема поголема културна или политичка манифестација или активност на Македонците во Албанија, од 1991 година, до неговата смрт, Спасе да не бил вклучен во организирањето на истата.
Семето на македонштината што Спасе го посади во Преспа даде плод. Спасе не напушти прерано и во времето кога можеше да даде уште повеќе за творештвото на Македонците во Албанија.
Ни останува нам да го чествуваме и вреднуваме негото дело и да ги учиме младите поколенија како се сака и работи за својот народ, нагласи Стерјовски.