Дождот кој почна да паѓа синоќа околу три часот низ Халкидики, на некои места на крајбрежјето создаде вистински улични потоци.
Грчкиот портал „Halkidikinews“ објави снимки од поплавите во овој регион, а снимката се споделува и на грчките социјални мрежи.
Обилните дождови предизвикаа проблеми во Солун и во реонот на Мудања, на полуостровот Халкидики, изјави директорот на Службата за цивилна заштита на регионот Централна Македонија, Хараламбос Стергиадис,
Тој додаде дека дождот предизвикал прекин во снабдувањето со електрична енергија во регионот Мудања.
Противпожарната служба примила повеќе од 300 итни повици низ северна Грција, вклучително и Солун и Халкидики, за испумпување вода, отстранување дрвја и за транспорт на луѓе на безбедно.
Поплавени се и неколку патишта во регионот, поради што е блокиран сообраќајот.
Градоначалникот на Касторија, Јанис Коренџидис, побара прогласување вонредна состојба во неговиот град одрегионалниот гувернер на областа Западна Македонија, откако поројните дождови предизвикаа големи поплави, а исто така го погодија и земјоделското производство.