Критично е со „Калиманци“, браната во секој момент може да прелее (ВИДЕО)

Поради обилните врнежи од дожд кои го зафатија регионот во изминатите денови, во езерото „Калиманци“ дотекува големо количество вода и постои опасност од прелевање, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Според информациите од водостопанство „Брегалница“ од Кочани, во моментов дотокот на вода во акумулацијата изнесува 25 кубни метри во секунда и расте.

„Поради тоа, во наредните часови може да се случи браната да се прелее од покаченото езерско ниво. Како сигурносна мерка, надлежните на браната ќе го зголемат испустот на вода преку хидроелектричната централа (ХЕЦ).

Речиси сите реки низводно се со зголемен водостој и поради тоа можно е нивно излевање на одредени места“, велат од ЦУК.

Исто така, во ЦУК е добиено известување дека на патниот правец „Долни Подлог – Облешево“ во близина на оранжериите „Зелена Куќа“ водостојот на Кочанска Река е на максимално ниво и е можно да го преплави мостот. Известени се во полицијата – СВР Штип за да навремено да се обезбеди мостот.

Претходно, Центарот за управување со кризи информираше дека целосно е сопрен истекот од ХЕЦ „Вруток“ за да нема дополнителен прилив на вода во коритото на реката Вардар.

Нивото на реката Вардар е високо, па ова е превентивна мерка од можните излевања на реката во Полог.

Низ земјава се уште е висок водостојот во горниот дел од сливот на реката Вардар и таму се очекуваат локални излевања на реката, особено во Полог.

Висок е водостојот на Вардар и во Скопје. Зголемен водостој се очекува и низводно од Скопје кон Орешани, Зелениково, Таор и Велес поради движењето на поплавниот бран.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде