Продолжува потрагата по трите лица по вчерашната сообраќајна несреќа во која возило од марката БМВ, со косовски регистарски таблички, заврши во реката Лепенец.
Станува збор за четиричлено семејство, а од водите на реката Лепенец е извлечен само 21-годишниот Ш.П. кој со телесни повреди е пренесен во ГОБ „8 Септември“.
Спасувачките екипи и денеска се излезени на терен, во обид да ги пронајдат неговите родители и брат кои биле во автомобилот.
Возачот на возилото „фолксваген туран“, кој учествуваше во несреќата, е лишен од слобода и задржан на натамошно постапување.
„На 17.06.2023 година, околу 15:20 часот, е пријавено дека на патот Скопје – ГП Блаце се случила сообраќајна несреќа во која учествувале патничко возило „фолксваген туран“ со скопски регистарски таблички,
управувано од Б.Б. (64) од Скопје и патничко возило „бмв“ со косовски регистерски таблички, управувано од Н.П. (60) од Косово, кое по несреќата паднало во реката Лепенец.
Во возилото „бмв“, според пријавеното, покрај возачот имало и тројца сопатници М.П.(48), Ш.П.(21) и 16 годишен малолетник.
По несреќата сопатникот Ш.П. е изваден од реката и пренесен во ГОБ „8 Септември“ каде од лекар му биле констатирани телесни повреди, а по останатите три лица се трага од страна на екипи од Одделот за специјални полициски операции.
Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и екипа од СВР Скопје, а по наредба на јавен обвинител возачот на возилото „фолксваген туран“ Б.Б. е лишен од слобода и задржан за понатамошно постапување“, информираат од Министерството за внатрешни работи.