Тажна вест доаѓа од Келн каде викендов во „Ланксес арената“ се играше завршниот турнир во ракометната Лига на шампиони.
Пoчина познатиот спортски новинар Павел Котвица на 50-годишна возраст.
Магдебург го совлада Кјелце со 30:29 по продужетаката, а полскиот новинар си замина откако му се слоши за време на натпреварот.
Новинарот не се чувствуваше добро во вториот дел од натпреварот, па во 47. минута натпреварот беше прекинат на околу 15 минути.
Потоа продолжи, а иако првичните информации беа дека се е во ред со човекот на кој му се слоши, само неколку часа подоцна беше објавена трагична вест.
„Ќе се вратиме овде и ќе победиме, но никој не може да те врати кај нас. Искрено сочувство до семејството. Денеска ништо не е поважно“, велат од ракометниот клуб Кјелце.
Котвица изгуби свест на натпреварот, а беше изнесен од трибините зад црно ќебе. Според полските медиуми, тој дишел кога бил пренесен во болница, но не било можно да се спаси.
Некои медиуми јавуваат дека на новинарот му била извршена реанимација во салата, а потоа на носилки бил изваден од неа и со возило на Брза помош е префрлен во болница.
„ЕХФ жали за смртта на нашиот колега на фајнл-форот во Лигата на шампионите. Нему му беше укажана лекарска помош во второто полувреме од натпреварот, но за жал почина. Најдлабоко сочувство до неговото семејство, пријателите и роднините“, Се вели во соопштението на ЕХФ.