Холандскиот инвестициски фонд „Балкан алајанс хелткер Б.В“ ќе стане мнозински сопственик на клиниката „Жан Митрев“, објави утрово А1он.
Комисијата за заштита на конкуренцијата објави известување за концентрација со која „Балкан алајанс хелткер Б.В.“ ќе стекне директна контрола над клиниката „Жан Митрев“ преку купување мозински удел согласно одредбите од Законот за установите и Законот за здравствена заштита.
„Предметната концентрација може да потпадне под одредбите на Законот за заштита на конкуренцијата. Сепак конечната одлука по ова прашање е резервирана.
Комисијата ги повикува заинтересираните трети страни да достават забелешки и мислења за оваа концентрација до Комисијата.
Забелешките и мислењата на заинтересираните трети страни можат да се испратат во рок од 10 дена од денот на објавување на ова известување“, известуваат од Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Од Клиниката „Жан Митрев“ пак истакнаа дека се во финални преговори за стратешко партнерство со Холандскиот фонд Balkan Alliance Healthcare.
„Ова стратешко партнерство е поддршка на веќе започнатиот проект за прераснување на Клиниката Жан Митрев во регионален медицински центар. На овој начин стануваме финансиски помоќни за да растеме побрзо и да се развиеме во вистински регионален центар за здравствени услуги со највисоки стандарди.
Според договореното доктор Жан Митрев како и досега така и понатаму ќе ја предводи целата операција на трансформација на Клиниката во регионален центар каде учат и се развиваат и нови кадри на лекари во делот на кардиохирургијата и останатите дејности. Ќе се овозможи и поголема соработка со експерти од странство, а нашиот know how ќе биде искористен за медицинските центри во сопственост на Холандскиот фонд што значи проширување на дејноста на Клиниката Жан Митрев на регионално ниво“, изјавија од Клиниката Жан Митрев.