Советникот на украинскиот претседател Михаило Подољак тврди дека наскоро ќе се знае судбината на рускиот претседател Владимир Путин, во контекст на вооружениот бунт на Пригожин.
„Во следните 48 часа ќе биде дефиниран новиот статус на Русија“, напиша Подољак во саботата на Твитер.
„Или целосна граѓанска војна или договорен трансфер на власта, или привремен одмор пред следната фаза од падот на режимот на Путин“, напиша Подољак, советник на претседателот Володимир Зеленски.
Инаку, шефот на руската платеничка група Евгени Пригожин рече дека Борците на „Вагнер“ порача дека тие нема да се откажат и се подготвени да умрат во вооружената побуна што ја покренаа.
„Сите ние сме подготвени да умреме. Сите 25.000, а потоа и други 25.000. Ние гинеме за рускиот народ“, стои во последната аудиопорака на Пригожин на Телеграм.
За првпат од почетокот на војната, Пригожин директно се сврте и против Путин, додавајќи дека тој згрешил што го нарекол предавник.
„Никој нема да се предаде на барање на претседателот. Не сакаме земјата да продолжи да живее во корупција и лаги. Ние сме патриоти, а тие што се против нас се оние кои се собраа околу копилињата“, кажа Пригожин.
Борците на „Вагнер“, за кои Пригожин тврди дека се 25.000, преминаа од Украина во Русија и упаднаа во Ростов на Дон, каде што сега ги контролираат воените објекти и аеродромот. Извори од руските безбедносни служби кажаа дека борците на „Вагнер“ зазеле воени објекти и во градот Воронеж, оддалечен 500 километри од Москва. Гувернерот на Воронеж, Александар Гусев, соопшти дека војската ги презема сите неопходни мерки во регионот како дел од прогласената противтерористичка операција.
Чеченскиот лидер Рамзан Кадиров порача дека неговите сили се подготвени да ја задушат побуната на „вагнеровците“, додека Естонија објави дека ја засилува безбедноста на границата со Русија.
Без да ги спомне Пригожин и „Вагнер“, Путин утрово кажа дека големите амбиции на некои поединци резултираа со велепредавство и ги опиша акциите на бунтовниците како забивање нож во грб.