Македонката Славица Ангелова победи во вечерашното суперфинале на „Ѕвездите на Гранд“.
Младата струмичанка доби повеќе гласови од босанскиот фаворит Драган Ѓуриќ и заслужено триумфираше во најгледаното регионално ТВ-шоу.
Саша Поповиќ ѝ ги врачи клучевите од автомобилот „фиат типо“ кој заслужено заминува во нејзини раце.
Ангелова со нешто повеќе од 88.000 гласови (17.000 повеќе од второпласираниот Драган Ѓуриќ) ја освои ласкавата титула победник на 17-та сезона на музичката талент шоу програма „Ѕвезде Гранда“.
Менторот на Славица, Ѓорѓе Давид, не можеше да ја сокрие среќата и ентузијазмот за триумфот и беше целосно во транс, го вееше македонското знаме, додека Славица ја пееше „Угаси ме“ од Парни Ваљак, пишува Женски магазин.
Имено тој уште во јануари годинава, во ексклузивно интервју за Женски Магазин беше убеден дека токму Славица е неговиот сигурен финалист и не ги штедеше пофалните зборови за младата пејачка.
„Нема да верувате, но повторно имам личност од Македонија. Ангелова Славица од Струмица. Таа е нешто ретко. Ова јас ви го кажувам сега, кога сме на вториот круг. Што се однесува лично до мене, единствено болеста може да ја одвои од финалето.
За мене таа е личност која ќе оди во финалето. За мене таа е личност во мојот тим за која сигурно ќе се борам да дојде до финалето. Имам право на свои фаворити, имам право некој да го ставам на пиедесталот во својата група, одлучив тоа да биде таа, исклучиво од квалитативните пејачки причини.
Таа е мала темпирана бомба, која е неверојатна и да не биде дека не сум кажал на време – Македонија мора да се разбуди и Македонија мора ова мора да го сфати, како што го сфаќаат фудбалот, како што ја сфаќаат кошарката, така треба да ја сфатат и оваа малечка во натпреварувањето „Ѕвездите на Гранд“ оваа година,
бидејќи ќе дојде до финалето, скоро па сум сигурен. Кога ќе се случи тоа, подгответе се, гласајте за неа, за влакно сте до тоа да го префрлите победникот од ова натпреварување оваа сезона кај вас, во вашата Македонија.“