Со последното усогласување во март, пензијата се покачи за 8,4 проценти, а усогласување ќе има повторно и во септември, со што пензиите за една календарска година ќе достигнат раст од 25 проценти – вели премиерот
Премиерот Димитар Ковачевски ги информираше пензионерите дека според законската регулатива, ново зголемување на пензиите може да се очекува во септември.
Премиерот на својот фејсбук-профил информираше дека имал состанок со претседателот на Партијата на пензионери Илија Николовски и
потпретседателот Миле Андоновски и дека зборувале за политиките и за мерките на Владата за пензионерите, за предлозите и за прашањата што се од нивен интерес.
„Како одговорна влада, еднакво се грижиме за заштита на стандардот на сите граѓани. Со новата методологија на усогласување на пензиите, обезбедивме да има континуиран раст на пензиите.
Со последното усогласување во март, пензијата се покачи за 8,4 проценти, а усогласување ќе има повторно и во септември, со што пензиите за една календарска година ќе достигнат раст од 25 проценти“, напиша Ковачевски.
Тој информираше и дека разговарале за нивната коалиција, која е стабилна и работи активно за да ги исполни следните чекори на нашиот европски пат.
Со усогласувањето на мартовската пензија, износот на просечната пензија достигна 19.150 денари, а претходно просекот беше 17.666 денари.
Но, 35.478 пензионери од вкупно 334.057 пензионери, или 10,6 проценти, живееле во март со пензии од 11.897 денари до 15.240 денари, односно со најниските пензии што се разликуваат во зависност од тоа на кој датум настанало пензионирањето.
Најлошо поминуваат оние што правото го оствариле од 1 јануари 1997 година и се во третата група на минимална пензија. Токму тие земаат по 11.897 денари, а ги има 1.454 пензионери.
Најголемите пензии од над 60.000 денари земаат повеќе од 400 пензионери.