Граѓаните, поучени од ланската година кога поради кризата со енергенсите цената на пелетите и огревното дрво постојано растеше, уште од овој месец почнаа да купуваат пелети и огревно дрво.
Цените во однос на ланските се пониски. Се движат меѓу 250 и 300 денари, но не се знае какви ќе бидат пред грејната сезона, велат продавачите на овој вид огрев.
– Лани цените на пелетите и на дрвото растеа уште од летото. Веќе во јуни цената на пелетите двојно порасна и од 160 денари се продаваа за 370 до 400 денари.
Есента беа и поскапи и ги немаше, па моравме да се снаоѓаме. Годинава се одлучив многу порано да се обезбедам за зима, а некако и сезоната на греење поради ладново време се одолжи. Цената е пониска од лани, но и натаму е висока.
Бидејќи не се знае каква ќе биде пред грејната сезона, добра е и оваа од 250 до 280 денари. Се рекламираат и босански пелети за цена од 13.650 денари за тон. Ќе разгледам добро пред да купам – вели граѓанин кој се грее на пелети.
Според трговците со пелети, сегашните цени може да се рече дека се пролетни и имаат за цел да ги стимулираат потрошувачите да набават ваков вид огревно дрво сега, доколку имаат можност. Се очекува нивната цена да биде повисока во втората половина од годината и пред почетокот на следната грејна сезона.
– Цената на квадратниот метар зависно од квалитетот и видот на дрвото се движат од 3.500 денари за втора класа до 4000 денари за буково дрво и 5.000 денари за даб. Ќе речете и ова е скапо, но во таа цена освен дрвото кое го набавуваме од Македонски шуми или увоз, туку голем дел има и цената на нашите трошоци за сеча, транспорт и подготовка на дрвото. Тука се и трошоците за работниците – велат продавачите на огревно дрво.
Слична е ситуацијата и во Србија.
Пелетите, дрвата и јагленот сега во Србија се поевтини од лани, а искуствата од претходните години покажаа дека летото е најдобро време за набавка на огревно дрво.
Пелетите значително поевтинија, а побарувачката за нив драстично порасна од почетокот на март.
Сопственикот на компанијата за производство на пелети „Био енерџи поинт“, Зоран Дракулиќ, вели дека цената на пелетите во моментов е исклучително поволна, имајќи предвид дека минатата година Владата донесе уредба за забрана за извоз и ограничување на цената.
Во магацините велат дека цената на пелетите е пониска од лани за околу 10.000 динари по тон, а се продава од 32.000 до 36.000 динари. Поевтинија и јагленот и дрвото.
Цените на јагленот, дрвото, пелетите и брикетите лани варираат и неколкупати се менувале од февруари до декември. Така, во октомври, пелетите на места достигнаа рекордна бројка од 400 евра за тон, а од август до ноември ги имаше уште помалку во понудата на нашиот пазар.
Поради ова, Владата на Србија донесе уредба, која беше во сила до јануари, со која цената на тоа огревно дрво се ограничи на 320 евра со вклучен ДДВ, како и забрана за извоз.
Поради лошите временски услови од претходните недели, доставата на дрва сега е забавена, но тоа не се одразува негативно на пазарот, а и покрај тоа состојбата со пелетите е стабилна и се очекува таква да остане.
Во магацините во главниот град цените на пелетите се движат од 32.000 до 36.000 динари за тон, пишува Каматица.