По објавеното видео на социјалните мрежи на кое се гледа куче врзано за задниот дел на автомобил во движење,
уапсен е возачот поради злоупотреба на животно и е казнет со 30.000 евра, јави дописничката на МИА од Атина.
Инцидент се случил на грчкиот остров Закинтос, влечењето на кучето било снимено од друг автомобил, по што бил идентификуван сторителот и соодветно казнет,
а надлежниот министер за полицијата Нотис Митаракис преку Твитер коментираше дека такви антиопштествени однесувања не се прифатливи.
Од грчката полиција соопштија дека е уапсен 75-годишен маж и против него е поднесена кривична пријава за прекршување на законската регулатива за животните,
изречена му е административна казна од 30.000 евра, а денеска ќе биде изведен пред јавен обвинител на Закинтос.
Во Грција пред две години беше изгласан Законот за заштита на животните, а секоја злоупотреба се казнува.