Случајот со родилката која вчера скокна од прозорец на скопска гинекологија ја разгори темата за поспородилната депресија и откри потресни сведоштва.
Жени на социјалните мрежи сведочат за траумите кои ги доживеале во болниците.
„Самото искуство на породување во државна е ненормално. Која е логиката здрави родилки да сместиш на оддел за патолошка бременост?
Моето искуство беше крајно трауматично, пропратено со многу пропусти, ризици по мојот живот и животот на бебето, тотално непочитување на жена што дошла својот живот и животот на своето дете да го довери во раце на некои што коментираат тетоважи и интимни фризури, кои немаат слух за потребите на жената и дури ги занемаруваат советите на гинеколозите што ја воделе бременоста, ги третираат ромките како помалку битни и сл.
Самите патронажни сестри никогаш не прашуваат како се жените, ако се пожалиш дека е тешко ти кажуваат “што ти се чинеше кога се онаквеше”, да не набројувам други гадости(…)“, раскажува родилка.
Друга родилка која се надоврзува на коментарот вели дека по породувањето се чувствуваш како да си стока во штала.
„Така јас се чувствував утрото по породувањето. Со ужасни болки во стомакот ја молиш болничарката да ти помогне да станеш а да со гнушење те гледа и ти вика: вежбај се, стани сама.
А срамот што си целосно гола, крвари, сe те боли, бебето го нема сеуште. Уф… И здрава психички жена, првиот ден од породувањето се чувствува најмизерно“, раскажува друга родилка.
„Дури имаше коментари, дома свекрвата ли ќе ти го гледа, станувај ајде не туку се лигави. Од ГАК излегов со 60 хемоглобин, повреда на дебело црево при шиење, инфекција која ја лечев со месеци“, вели таа.