Момчето С.Ч. (22 ) од Шпанија, кое вчера се удави на отворениот Олимписки базен во Битола е од музичкиот камп кој деновиве се одржува во Битола. Ова денеска ни го соопштија од СВР Битола.
Младиот Шпанец дошол во Битола со својот вујко, кој е еден од организаторите на музичкиот камп, кој деновиве се одржува во Битола во органзиација на Младинскиот културен центар – Битола.
Во младинскиот музички камп, кој во Битола се одржува од 01 јули а треба да трае до 10 јули 2023 учествуваат 25 млади луѓе од Македонија, Белгија, Шпанија, Германија и Холандија.
Ова е прва едукативна активност во рамките на проектот „Европска караван мрежа” финансиран од програмата Еразмус+ од Белгиската национална агенција.
Младите луѓе се вклучени во креативен процес на развој на нови мелодии инспирирани од глобалните звуци на мултиетничките заедници (од реге преку румба каталана, традиционални македонски народни песни, латино мелодии и ромски ритми). Младите ќе го кренат својот глас, за да бидат чуени.
Тие исто така, разменуваат искуства и учат за промоција на музички настани преку користење на нови иновативни алатки на социјалните мрежи Тик Ток, Инстаграм, Твитер и Фејсбук. Покрај тоа, учесниците имаат можност и да ја запознаваат Битола и македонската култура за време на нивниот престој во градот.
Финалниот перформанс со резултатите од нивната десетдневна креативна работа и дружење треба(ше) да биде изведен в недела 09 јули во летната сцена на МКЦ-Битола во Битола, со почеток во 20.30 часот.
Инаку партнерски организации вклучени во проектот заедно со МКЦ-Битола се и Мадам Фортуна од Белгија (носител на проектот), Аларм Театар и Амародром од Германија, Талер де Музикс и Карабуци од Шпанија, Њу дач конекшнс од Холандија и Бекос ју арт од Франција. Проектот ќе се спроведува до крајот на 2024 година.
Младиот Шпанец (С.Ч) на возраст од 22 години се удави на отворениот Олимписки базен во Битола, Трагедијата се случи нешто по 16.30 часот. Инаку момчето од Шпанија М.Ч на капење во базенот заминало со две свои другарчиња. Тој и претходниот ден пред да се удави се капел во базенот.
Како се удавил засега никој не знае, а тоа треба да го утврди обдукцијата.
Од СВР Битола соопштија дека смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош. Лекарската екипа на лице место се обидела да го реанимира момчето кое не давало знаци на живот. Увид извршила увидната екипа на СВР Битола.
Телото било пренсено и во битолската Клиничка болница каде повторно се направиле обиди за реанимација, но без успех.
По наредба на јавен обвинител телото е предадено на обдукција за да се утврдат причините и околностите за овој трагичен настан