Директорката Косана Мазнева Николиќ се појави и вечерва повторно пред вработените во Јавното претпријатие Комунална хигиена заедно со полицијата, каде вработените излегоа на протест.
Макфакс јавува дека пред ЈП КХ Скопје состојбата е тензична и вработените и скандирале „Оставка, оставка“ на директорката Косана Мазнева кога им се обратила со прашањето: „Дали вие вечер ќе работите?”.
-Додека бараа оставка, директорката им рече: „Ваше право“, а еден од нив и’ врати: „Ние сме 200 души, ти си една“, јавува Макфакс.
Мазнова побарала од присутните полицајци и специјалците да ги легитимираат лицата зошто се сомневала дека барикада прават и некои кои не се вработени во јавното градско претпријатие.
„Сите сме вработени ние тука, за парче леб сме“, возвратиле лицата распоредени на капијата од претпријатието.
Нивниот протест започна на 7 јули поради отпуштањето на дел од работниците поради што трпи процесот на одржување на хигиената во Град Скопје, а побараа и зголемување на платите, К-15 и бенефициран стаж.
Бидејќи градот два дена се гуши во смет, градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ вечерва се самоорганизираа и со помош на комунални служби од другите градови од Македонија излегоа вечерва да го чистат натрупаниот смет и ѓубре на улиците.
Утре градоначалниците и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ заедно ќе побараат од Советот на Град Скопје да го укине ЈП Комунална хигиена.