Скопската градоначалничка Данела Арсовска по дводневаната кризна ситуација со ѓубрето низ улиците во недела доцна навечер одржа прес-конференција, на која за проблемот го обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
„Погледнете ги овие политички стаорци кои излегоа на улиците, вчера ниту институциите не можеа да реагираат и тоа е доказ дека правната држава не функционира.
Сакам да му порачам на Христијан Мицкоски дека е разобличен вечерва затоа што бескрупулозно создава проблеми за граѓаните кои сака да прикаже дека тој ги решава.
Ваквите политичари се најголемо ѓубре. Ние вечерва со чистењето на улиците ќе почнеме со чистењето на ѓубрето, ќе ги чистиме и нив“, рече Арсовска.
Таа кажа дека проблемот со несобирањето на ѓубрето го прават мафијашки структури кои веќе неколку дена ја блокираат работата на „Комунална хигиена“ поради лични интереси.
„Се работи за лица кои 15 години работеле само трета смена спротивно на закон и колективен договор, голем дел од нив воопшто не се појавувале на работа и не ги извршувале своите работни обврски.
Сега истите не дозволуваат сите останати 1.300 вработени да ја извршуваат работата. Иако нема законски најавен штрајк и не се вработени, тие извршија мафијашка блокада“, рече Арсовска.
Градоначалничката рече дека има список на кој како вработени во претпријатието се роднини до трето колено на синдикалниот лидер Дели Дардишта.