„Внимание, крадци упаѓаат на плажата на Неа Каликратија“, „Во Солун обиени дури три автомобили еден по друг“, „Украдено бело Clio пред супермаркет на плажа во Пефкохори“,
се само дел од предупредувањата што зачестија во последните неколку дена во Facebook групата „Грција инфо“, во која членовите разменуваат искуства за плажите, сместувањето, цените, храната…
Крадците не се насочени само кон туристите од регионот, туку кон сите оние што, изгледа, оставаат ранец, очила или каков било личен предмет во автомобилот, а кои го привлекуваат вниманието на крадецот.
Грчките власти апелираат до сите посетители дојдени на одмор да не оставаат ништо во возилата и да внимаваат при паркирање на одредени места, кои се чини дека ги фаворизираат крадците.
Туристите и граѓаните на Грција се целосно свесни за проблемите со обивање автомобили на паркинзи, кршење стакла и крадење работи, како и за фактот дека овој вид криминал во Грција е зголемен во последните години.
Крадците не се задржуваат долго на самото место, па тешко е да се фатат како крадат. Велат дека ваквите кражби траат од 10 до 15 секунди, а се случуваат во секое време од денот или ноќта.
Најчесто го кршат стаклото од автомобилот со цврст предмет (затоа што не им треба алат за тоа) или ја кршат бравата, грабнуваат што ќе најдат и бегаат. Добро ги знаат локациите на кои туристите најчесто оставаат скапоцености во своите автомобили.
Затоа, не оставајте ништо вредно во автомобилот, дури и кога ќе излезете на неколку минути, ниту на прометни улици ниту на јавни паркинзи, кои немаат чувар.
Конкретно, не смеете да оставате пари (дури ни ситни парички), картички, клучеви, куфери и чанти, техника, паричници, очила и парфеми на видно место во автомобилот.
Порталот GRČKAinfo.com ги објави клучните локации на кои врз основа на досегашните пријави од туристите крадците се сè почести.
Тоа не значи дека ќе ви се случи на истото место, но секако може да биде добар потсетник да бидете внимателни на слични места.
Според досегашните искуства, крадците најчесто оперираат на паркинзите на големите супермаркети и трговски центри, како IKEA, Lidl, Jumbo, потоа на отворени паркинзи во Солун, кај Белата кула, во околината на плоштадот „Аристотелис“, на паркингот кај аквапаркот во Солун, како и на паркинзите на некои плажи на Халкидик.