Голема е веројатноста на политичката сцена да се појави нова политичка партија, јавува ТВ21.
Според информациите на телевизијата, она што досега било само како идеја, наскоро може да се преточи во реализација,
а тоа е градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска да формира своја политичка партија.
Како што дознаваат, идејата постои извесно време, а се заснова врз проценката на нејзините советници дека таа уживала голема поддршка кај граѓаните, односно интелектуалците, граѓанскиот сектор, дел од неопределените гласачи.
Тв21 пишува дека во наредниот период целиот процес за реализација на оваа идеја ќе се интензивира, односно ќе се вршат разговори со интелектуалци,
луѓе од невладиниот сектор, познати лица од спортот, културата, угледни професори, кои би требало да застанат до неа во формирањето и промовирањето на новата политичка партија.
Ова најверојатно е потикнато од резултатите во последната објавена анкета на ИРИ, каде на прашањето дали Арсовска треба да биде резибрана за градоначалник на главниот град, 29 проценти од испитаниците одговориле потврдно, додека 53 отсто негативно.
Осумнаесет проценти се изјасниле дека не знаат или не сакаат да одговорат.
Арсовска стана градоначалник како независен кандидат поддржана од партијата на ВМРО-ДПМНЕ, но и од Алијанса за Албанците. Но, во последно време партиите кои ја поддржаа на изборите, сега се оградуваат од неа.
Дали Арсовска со евентуално формирање на нова партија ќе им „украде“ гласови на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ на следните избори, останува да се види. Инаку, во изминатиот период формирање на нови партии најавија Максим Димитриевски од СДСМ и Изет Меџити од фракцијата на ДУИ.
Извор: ТВ21