Орхан Бајрами – Оки кој беше убиен денеска на Халкидики, пред неколку години се фотографирал со претседателот на државата, Стево Пендаровски.
Фотографијата направена за време на изборната кампања за претседателските избори во 2019 година, денеска повторно беше објавена и актуелизирана по убиството на Орхан Бајрами, познат на македонската јавност како дел од мафијашкото подземје и неформален лидер на т.н. група „Дуќанџик“.
Оваа фотографија беше објавена и во 2019 и тогаш беше „спорно“ друштвото со кое се фотографирал Стево Пендаровски, тогаш сè уште како кандидат за претседател.
Ликовите на фотографијата со Пендаровски тогаш беа посочени како „локални шерифи од ДУИ кои не ги почитуваат законите“.
Од претседателскиот кабинет за „Макфакс“ посочуваат дека Пендаровски се фотографирал со сите кои ќе побарале.
„Претседателот Стево Пендаровски, за време на изборната кампања на претседателските избори во 2019 година, посети населени места на целата територија на државата, при што се фотографираше со сите граѓани што тоа ќе го побараа од него.
Како што може да се види, претседателот не е седнат во друштво на посочените лица, туку е фотографиран стоејќи.
Претседателот Пендаровски е фотографиран на барање на лицата од посочената фотографија и лично не се познавал со нив“, велат од Кабинетот на Пендаровски за „Макфакс“.