Сирени на итната медицинска помош, противпожарни возила и илјадници луѓе меѓу кои голем број туристи го напуштаат Родос каде веќе шести ден не стивнуваат големите шумски пожари.
Без личниот багаж, со работите кои ги носеа на плажа тие се обидуваат смирено следејќи ги инструкциите на надлежните да го напуштат Родос што поскоро, давајќи им предност на жените и децата.
Во истовреме пожарникарите се борат со огнот на три локации на овој грчки остров.
Во тек е евакуација на повеќе од 30.000 луѓе како од нивните домови, така и туристи од целиот свет во хотелите и летните одморалишта.
Властите наредија евакуација на четири локации, вклучително и две поморски одморалишта.
Во меѓувреме туроператорите наредија чартер летови да слетаат на Родос без патници со цел да ги земат оние кои сакаат да го напуштат островот , јавува Катимерини.
За привремено сместување на евакуираните лица се определени безбедни хотели, конференциски центри, спортски објекти, училишта и јавни простори, каде ќе бидат снабдени со храна, вода и ќе бидат под медицински надзор.
Локалните медиуми објавија дека пожарите стигнале до три хотели, чии клиенти веќе биле евакуирани. Туристите во колони го напуштаат Родос . Во спасувачката акција се вклучени три брода на крајбрежната стража, плус еден од армијата, кои ги евакуираа луѓето од две плажи.
Според првичните полициски извештаи над 19.000 се превентивно евакуирани и од нив 16.000 биле транспортирани по копно, додека 3.000 по море. Лицата со посебни потреби се евакуирани со полициски комбиња.
Според македонското Министерство за надворешни работи илјадници туристи на островот Родос се на безбедно место, но засега не може да се потврди државјанството на евакуираните лица. Тие се во контакт со македонската амбасада во Атина и Генералниот конзулат во Солун.
Најлоша е состојбата во шумската област во близина на градот Лутраки, каде пламените јазици целосно го уништија домот на Хрисула Рениери.
Хрисула и нејзиниот сопруг го одбрале ова место за свој дом поради спокојството кое го дава природата. Но сега се е уништено. Во моментот кога избил пожарот, во неколку куќи во близина, таа не била дома.