Денеска е Свети Илија – Што значи ако денес грми: Ова се народните верувања

Македонските православни верници денеска го слават Илинден или денот на пророкот Свети Илија, во народот познат и како Илија Громовник.

Ова е голем национален и верски празник за МАКЕДОНЦИТЕ и за историјата на МАКЕДОНСКИОТ народ затоа што на овој ден започнало Илинденското востание во 1903 година, а во 1944 на овој ден се одржало првото заседание на АСНОМ.

Православните верници на овој ден го одбележуваат празникот на пророкот од стариот завет и новозаветниот светител Илија.

Тој е присутен како во Стариот, така и во Новиот Завет како пророк и непоколебливо ги проповеда етичките вредности чии особини христијанството ги преземало и ги доведува во врска со зачетокот на новата вера и Христовото доаѓање.

Според преданието пророк Илија бил меѓу пророците на гората Тавор кои му се поклониле на Исус Христос на денот на Преображение Господово кога им се јавил на своите ученици со поуки за новата вера, па затоа и неговиот лик се наоѓа на иконите што го отсликуваат овој настан.

Свети Илија е присутен и во визијата на Јован Богослов каде неговата улога се врзува за иднината на христијанската црква и второто доаѓање на земјата на Христос Спасителот – новото Преображение на кое се надева и во кое верува христијанскиот свет.

Според книгата на Откровението на Јован, второто доаѓање на Христос ќе го најави Илија со старозаветниот пророк Енох и со нивното страдање треба да почне новото преображение на човештвото.

Народни верувања
Во народот постои верување според кое Свети Илија не умрел туку е жив и со пламени кочии, се вознел на небото, па таа слика може да се види и на празничните илинденски икони.

Позната е и сцената со Свети Илија во пештерата во која се крие од лошиот цар Ахава, а гавран му носи храна. Според преданието, Илија Тесвичанин е роден во местото Тесвит, во Израел во 9 век пред Христос (816 година). Бил прогонет од царот на Евреите Ахава кој под влијание на својата жена Језавеља ја напуштил верата на Мојсие и ги славел туѓите богови.

Царот Ахав сакал народот да се откаже од својот единствен Бог и да верува во богот Вал на кого што му подигнал храм во Самарија. А кога меѓу народот завладеал неморал пророкот Илија се помолил на Господа и три години дожд не заврнал и меѓу народот зафатил голем глад. Земјата испукала, секнале изворите, а многу луѓе и стока изумреле. А кога народот видел дека направил голем грев и се покајал, пророкот Илија пак се помолил на Господа по што заврнал обилен дожд.

Во народните верувања на словенските народи, светецот Илија добил особини од словенската митологија. Бидејќи библиското предание вели дека се искачувал на небото во огнена кочија, старите словенски народи го поистоветувале Илија со врховниот бог Перун во својство на „Перун Громовник“. Тој создавал молњи, громови и бури и, поради истите особини, е наречен Илија Громовник. Поради неговата моќ да предизвикува бури, понекогаш св. Илија трпи непријатности. На пример, во кавкаската бајка „Сончевата ќерка“, еден човек (чија сестра е омажена за Сонцето) го посетува својот зет за сестра и таму го среќава св. Илија, кого го претепува, а потоа и го ослепува затоа што светецот му пуштил град со кој му го уништил житото.

Токму затоа и нашиот народ многу појави му ги препишува на Свети Илија па со преминување во христијанството му ги препишале и особините на стариот словенски бог Перун.

Неговиот празник се паѓа во најсушните и најтоплите денови од годината, а обичај е на неговиот ден да не се работи во полето за да не се предизвика гневот на светителот.

Постои и верување поради кое кога на Свети Илија грми, народот вели дека светецот ги гаѓа ѓаволите, па не е добро да се крстите за ѓаволот да не се сокрие под крстот во кој гром не удира. Исто така во народот се вели дека добро треба да се внимава на местото каде што удира громот бидејќи тоа е знак дека на тоа место се крие нечестивиот.

Медот што се вади на Илинден се служи како лек, па ако знаете некој пчелар, задолжително од него земете денес мед. Народот верува дека мајките со него треба да ги намачкаат децата по образите за да бидат здрави.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде