Невремето кое метеоролозите го нарекоа „ПЕТАР“ пристигна во Грција и донесе дожд, грмотевици и невреме главно во областите на западна Грција и Јонското море.
Едно од првите области кои ги зафати невреме беше северен Крф, каде патиштата беа поплавени, додека паѓаше град во Касиопеја.
Во исто време дошло до прекин на електричната енергија, јавува Прототема.
Како што се додава, најмалку десет туристи кои биле на плажата Порто Тимони на Крф биле спасени со приватен брод. Туристите беа безбедно пренесени до плажата Агиос Георгиос. Пороен дожд почна да врне и во Сивота.
Во меѓувреме, жителите на регионите Јонија, Епир, Ахаја и Етолија-Акарнанија добија предупредувачка порака на мобилните телефони за опасното време.
Во пораката која стигна до мобилните телефони на граѓаните, конкретно се вели:
- Предупредувачка порака за опасни временски појави (силно невреме). Ограничете го движењето и следете ги упатствата на надлежните – се наведува во предупредувачката порака.
Се очекува влошување до раните утрински часови во недела, а ќе биде придружено со пороен дожд, грмежи и град. Црвениот метео аларм ќе биде запален на Крф, Паксос, Парга, Сивота и Превеза.