Градоначалникот на Општина Куманово Максими Димитриевски бара да се намалат приходите на функционерите и процентуално еднакво да се зголемат платите и пензиите на сите.
Тој обара итно да се достави информација со колку средства располага Пензискиот фонд.
-Надлежните итно и најтранспарентно да ја информираат јавноста со колку средства располага пензискиот фонд.
Недозволиво е за политичката елита седумдесет и осум проценти покачување на платите додека пак на пензионерите шест проценти.
Доколку градиме праведна држава тогаш праведно е процентуално подеднакво покачување на приходите за сите. Да се намали на функционерите и подеднакво да се распредели на останатите, стои во соопштението од градоначалникот на Општина Куманово Димитриевски.
Тој смета дека барањата на пензионерите кои преку протестни собири бараат линеарно покачување на пензиите се реални и неопходни, истакнувајќи дека токму тие своевремено беа финансискиот столб во семејството, додека денеска се сведени на преживување и елементарна егзистенција на нивните семејства.
-Токму овие генерации на граѓани со лопата и крампа изградија се во државата и сведоци се како поединци во политиката разграбаа се!
Нивните одбитоци за пензиско и инвалидско осигурување во минатото беа основа за создавање на пензискиот фонд, денеска тие не го користат ниту делумно тоа што го уплаќале тогаш.
Нема потреба да донираме и да се рекламираме секој месец по социјални мрежи и медиуми, тие средства се граѓански и од буџетот на Македонија нека ги усогласат платите и распределат средствата со Закон, изјави Димитриевски.