Фејсбук статус на Никица Корубин
Албин Курти, премиер на Република Косово е маркантна регионална политичка фигура, подолго време. Беше и наш гостин пред неколку месеци, под покровителство на ЕУ, во обидот да се најде решение на спорот со Србија.
Редовно, за косовски, регионални и водечки светски медиуми го искажува својот став за суштински и стратешки теми, кои директно не засегаат и нас.
А, сепак, отсуствува целосно од нашата медиумска, аналитичка и политичка визура. Речиси на ниво на бојкот.
Се’ до вчера. Од кога е главната тема низ истите молчаливи медиуми, и игнорантски политички кругови. Погодувате, во негативен контекст.
Духовите се вознемирија Посета од еден ден, ги “дигна сите на нозе”. Алармот за “одбрана на идентитетот” се активираше. Знамето е повод, но која е всушност причината?
И така, во лавината на одбрана на име на една скопска улица и напад на едно провокативно знаме, предводена од највисоките политички фигури, во хармонија со македонската опозиција; некако истите “заборавија” да ја прокоментираат главната политичка порака до нас, која парафразирано гласи: ЕУ е нашиот заеднички пат, а на тој пат Северна Македонија, треба да биде со Косово, Албанија и Бугарија, а не со Србија, чија власт и поведение е горе-доле, истата од времето на иницијаторите и спроведувачите на војните во поранешна Југославија, од деведесеттите.
Да не случајно оваа изјава е иницијалната каписла, за излив на голема “загриженост и загрозеност” од поведението на 1 (еден) учесник на масовните собири со кој беше дочекан Курти во Скопје и Тетово, како и од поведението на неколку политички фигури од албанската опозиција, кои сигурно уживаа да искористат дел од популарноста на Албин Курти и довербата што во него ја имаат и Албанците од Северна Македонија. Доверба, која патем речено, повеќе треба да ги загрижи, отколку радува.
А, она што сите нас треба да не’ загрижи, како граѓани, е кому пречи Северна Македонија во ЕУ, во која Косово, како прв сосед и пријател, може да ни биде само партнер. Како тогаш, никој нема одговор на предупредувањето и повикот на Албин Курти?
И како, некој кој е жесток поборник на владеење на правото и воспоставување на систем на стандарди и правила, членство во ЕУ, не е пример за пофалба, туку е предмет, речиси на линч?
Што згреши вчера Албин Курти, па во оваа летна ферија, ги натера сите да се “активираат”, кога веќе пропуштија како добри домаќини, да го примат гостинот на формална или неформална средба? Кого толку го “погоди”, со своето присуство, изјава и појава? И дали всушност, оној на кој му пречи Албин Курти е воопшто во Северна Македонија? Што пак го отвора прашањето, “кој кого брани” од што и зошто?
И така чекајќи ги уставните измени, полека “се откриваат” сите, барајќи повод во се’: од фудбал до премиер, од протести до прослави, “редот” мора да се знае, кој е “пријател”, а кој “архи-непријател”, кој е добар, а кој е лош. Да ја повториме лекцијата: “Албанците се иредентисти”, “Бугарите се фашисти”, а Курти е човекот кој го “разголе” српскиот фундаментализам и империјализам. А, тоа ниту еден добар “поданик” не смее да му го прости. Како што и не му го простува.
Туку, остана ли некој да се грижи за интересите на Северна Македонија, ако завршивме со грижите на соседот? Сепак, ова е ваша држава, колку и тешко да ви паѓа. Поради неа сте воопшто на било каква позиција. Која треба покорисно да се искористи, од веќе провидната стратегија, за антагонизирање на Македонците. А, нив како и Албанците, а и сите други ги интересира само нормалност, систем и праведност. Не е нивна вина, што таа дојде во ликот на Албин Курти. Тоа, ли е она што пречи и плаши, нормалноста и јасноста, што е тоа наш интерес, а што не е?