ТАЖНА ВЕСТ: Почина македонската спортска легенда

Македонското алпско скијање денеска го загуби својот доајен Иван Лесевски.

Тој ненадејно почина во 69. година од животот, информираат од Скијачката федерација на Македонија.

Со неизмерна тага и болка ви соопштуваме дека денес на 69-годишна возраст ненадејно почина нашиот колега, пријател и тренер Иван Лесевски.

Тој е роден на 11 јануари 1954 година. Дипломирал на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје во Скопје. Со повеќе од 40 години активно работење, својот живот го посвети на спортот и ги оствари најдобрите резултати во историјата на македонското скијање.

Во својата долгогодишна кариера, Лесевски беше тренер на јуниорската репрезентација на Југославија, тренер во ски клубот „Работнички“ и тренер на македонската скијачка репрезентација, како и член на раководните структури на Скијачка федерација на Македонија и Сојуз на спортови на Скопје, како и организатор на голем број на спортски настани.

За својата работа, делување и успешност, добитник е на многубројни награди: Тренер на годината на град Скопје 2014 година, после остварените успеси на Зимски олимписки игри 2014 во Сочи, 2 пати се закитил со наградата „13 Ноември“ за најдобар тренер, а во 2019 година се стекнува со Награда за животно дело.

Лесевски до последен ден активно работеше и придонесуваше за развојот на скијачките спортови во Македонија.

Скијачка федерација на Македонија изразува сочувство до неговото семејство и искрено жалење за оваа огромна загуба.

Последниот поздрав со Иван Лесевски е во сабота (09.09.2023 година) во капелата во Ѓорче Петров од 13 часот, а погребот ќе се изврши на гробиштата во Ѓорче Петров во 14 часот.

Лесевски ќе биде запаметен како еден од најголемите скијачки работници во Македонија, уште од периодот на поранешна Југославија, но и по осамостојувањето.

Беше носител на најголемите функции, селекторски и тренерски, и беше организатор на најголемите скијачки настани во Македонија изминатите децении.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде