Убава вест од власта: Ќе поефтинат 50 основни производи, еве за колку отсто

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска објави дека се сретнал со претставниците на најголемите осум ланци на маркети и дека тие ја прифатиле неговата најава дека од вторник со одлука на Влада ќе има замрзнување на цените на одредени производи.

При тоа, министерот рече дека мерки за зауздување на инфлацијата нема да има само за трговците, туку и за дистрибутерите и за производителите.

– Моментално Министерството за економија работи на дополнителни мерки кои ќе се однесуваат на дистрибутерите и производителите.

Најверојатно утре треба со нив да се сретнам, рече Бектеши денеска пред медиумите.

Очекува производите, кои ќе бидат објавени во вторник на редовна владина седница, да поевтинат за 10 отсто од среда. Станува збор за 50 основни производи, а референтнатаите цени за намалување ќе бидат, како што рече тој, некои од претходните месеци кога било поевтино за граѓаните.

Бектеши додаде дека неговото министерство ќе направи и измени во Законот за пазарен инспекторат со кои ќе се зголемат ингеренциите на инспекторите и ќе се намали времето за нивно постапување, а ќе може и да се затвораат маркетите ако не ги почитуваат највисоките дозволени цени.

– До крајот на следната недела ќе го имаме и новото законско решение за нефер трговски практики каде што ќе се укинат речиси 20 отсто давачки во ланецот за трговија – од производство до малопродажба, со што дополнително ќе се намали цената, најави министерот.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде