Двокатен автобус со 45 патници излетал од патот во Австрија и под се уште неразјаснети околности удрил во заштитната ограда, а потоа се превртел на страна.
Како што пишува „Билд“ загинала девојка (19), а петмина од патниците се тешко повредени.
Кога пристигнале пожарникарските екипи, се верувало дека многу патници сè уште се заробени во автобусот, а најмалку тројца морало да бидат ослободени со помош на хидраулична опрема за спасување.
Според портпаролот на Црвениот крст, се работело за голема операција со осум спасувачки возила и две амбулантни возила. Во акцијата за спасување и извлекување учествувале 55 пожарникари.
Возачите на автобусот биле негативни на алкотестот, а во моментов се на распит.
Портпаролката на полицијата изјави дека во автобусот имало патници од Австрија, Словенија, Италија, Германија и Украина.
Автобусот патувал од Берлин, преку Линц, до италијанскиот град Трст.