Најавен штрајк: Вработените во обвинителствата и судовите ќе бараат раст на платите до 78%

Жешка синдикална есен и чука на врата на власта, оти никао да го чуе гласот на работникот, кој откако памти за себе, моли за повисоки, и пред се, достоинствени примања.

Вработените во обвинителствата и судовите од 27 септември излегуваат на штрајк незадоволни од разликите на платите меѓу нив и избраните лица.

Тие бараат да се зголемат нивните плати исто како и на функционерите за 78% и да се исплаќаат редовно додатоците на плати кои не се исплаќаат подолг период.

Синдикатот на УПОЗ во чиј состав се овие вработени најави дека штрајковите ќе се реализираат се до исполнување на барањата, а во тој период ќе се работат само итните случаи. Станува збор за 2.500 вработени во обвинителствата и судовите кои имаат просек на плата од 25.000 денари.

– Разликата на платите сега во обвинителствата и судовите порасна од 1:2 или 3 работник – избран раководител, на 1: 6 или 7 што е многу. Незадоволството кај вработените во јавните обвинителства и судовите е големо.

Министерството за правда и судовите не прифаќаат преговори и ние одлучивме да штрајкуваме. На 27 септември први излегуваат вработените во обвинителствата, а на 29 ќе им се придружат и вработените во судовите.

Барањата се исти зголемување на платите од најмалку 30 отсто до најмногу 78 отсто и редовна исплата на додатоците на плати. Ќе се штрајкува до исполнување на барањата – информира претседателот на синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде