Од утре, а особено за време на викендот, целиот Балкан ќе биде под влијание на силен Џеновски циклон кој ќе донесе локално силно невреме, проследено со многу дожд, силни грмежи, крупен град и олуен ветер.
„Токму поради ова апелираме на крајна внимателност, дури можна е појава и на Суперќелијско невреме, а постои опасност и од локални поплавувања.
Судирот на двете воздушни маси (топлата од југ и студената од север) ќе го направат своето, односно ќе предизвикаат големо невреме на многу места на Балканот“, вели метеорологот Славчо Попоски.
Температурите драстично ќе се намалат, што значи за викендот доаѓа вистинска есен на Балканот.
„Овој бран во Македонија ќе пристигне во недела, особено попладне и навечер кога на многу места ќе има развој на нестабилност, проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер од јужен правец.
Локално ќе има појава на невреме, проследено со интензивен пороен дожд за кратко време, силен ветер, електрични празнења и со појава на град. Не се исклучува можноста локално градот да биде и покрупен. Барем според сегашните изгледи, честа нестабилност, проследена со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и појава на локално невреме ќе има и следната седмица, кога ќе биде и значително посвежо.
Односно пад на температурите на воздухот се очекува уште од недела попладне и навечер. И на граѓаните во Македонија ги советуваме да бидат крајно внимателни од недела, и тоа во случај на појава на електрични празнења да не се претстојува на отворен простор и под осамени дрвја“, рече Попоски.
Во алпскиот регион оваа голема промена ќе донесе и поинтензивни врнежи од снег.