Платите на наставниците и на другите вработени во основните и средните училишта продолжуваат да се зголемуваат.
Како резултат на заложбата за создавање квалитетно образование, кое се темели на мотивирани наставници, министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, и претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура, Јаким Неделков, потпишаа спогодба која предвидува зголемување на платите на вработените во основните и средните училишта за 15 % почнувајќи од овој септември.
„Чест ми е што токму во време на мојот мандат како министер за образование и наука во 2022 и 2023, практично во период од само една година, платите на наставниците се зголемени во три наврати, односно кумулативно над 35 %.
Ова е само потврда дека навистина имаме намера да ги вратиме дигнитетот и достоинството на наставниците што го заслужуваат во општеството затоа што се најважната алка во воспитно-образовниот процес, од што зависи квалитетот на генерациите што се создаваат и без која ниту една реформа не може да успее“, рече Шаќири.
Задоволство изрази и претседателот на СОНК, Неделков, кој посочи дека само со мотивирани наставници може да градиме добра иднина за државата.
Истакна дека како синдикат, ќе продолжат да се заложуваат за подобрување на правата и можностите на просветните работници и во иднина, а очекува набргу да се постигне согласност за измени во колективниот договор, со што уште повеќе ќе се стимулира работата на оние што директно ги пренесуваат знаењата на учениците.
Освен покачувањето на платите, во меѓувреме продолжуваат и континуираните обуки на наставниците како единствен начин постојано да јакнат нивните професионални компетенции отворајќи им можности за кариерен развој во звања ментор и советник.
Во период од 3 години во звање ментор напредуваа 250 наставници од основните училишта, кои се носители на промените што се случуваат за поквалитетна настава, информираат од МОН.
Владата и Министерството за образование и наука потенцираат од ресорното министерство обезбедуваат системска поддршка за наставниците.
„Работиме на достоинствено вреднување на нивниот труд и посветеност. Тие се ценети и почитувани за важната работа што ја работат – вложувањето во воспитувањето и образованието на децата, кои се иднината на оваа држава“, истакнуваат од Министерството.