Претседателот на бугарската фондација „Македонија“ Виктор Стојанов упати отворена закана до жителите на Пустец, во Алабанија, каде живее македонското малцинство, доколку на претстојниот попис не се пишат како етнички Бугари ќе им бидат одземени бугарските државјанства.
Во бугарското Собрание во процес се и законски измени со кои, како што објави бугарскиот европарламентарец Андреј Ковачев ќе бидат јавно објавени сите што земале бугарско државјанство во изминатите 22 години.
– До сите жители на општина Пустец, Албанија: Ако не се запишете како етнички Бугари на пописот, вашите бугарски државјанства ќе бидат одземени во најкраток рок, а ако сте во процедура, постапките ќе ви бидат прекинати.
Веќе имаме еден таков случај. Размислете, објави на Фејсбук Виктор Стојанов.
Стојанов, кој е претседател на бугарската фондација „Македонија“ често се наоѓа во фокусот на јавноста со своите објави на Фејсбук, како што е понудата од 200 евра за идентитетот на македонскиот полицаец од граничниот премин Деве Баир, додека преку фондацијата нуди и пари на македонски деца што ќе го учат бугарскиот јазик и разни понуди за преземање на фудбалски клубови, меѓу кои и за Вардар.
Во Албанија во тек е пописот на населението кој треба да трае до 30 октомври. Изминатиот период голем број бугарски активисти, претставници на власта, невладини организации беа многу активни меѓу Македонците во Албанија обидувајќи се да ги убедат дека се Бугари. Се ветуваат пасоши, стипендии, бесплатно школување во Бугарија и работа.