Одлуката за прераспределба на Буџетот за 2023 година со која се обезбедуваат средства за исплата на повисоки плати на вработените во јавниот сектор за 10 проценти, повисоки пензии за пензионерите, исплата на К-15 во износ од 10.000 денари, повеќе средства за социјална помош и поддршка на ранливите категории,
субвенции за земјоделците, а исто така и средства за деветтиот пакет антикризни мерки за поддршка на ранливите категории граѓани и средства за поддршка на компаниите, од денеска е на дневен ред пред матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет. Со Предлог-одлуката се обезбедуваат и средства за лекот „Трикафта“,како и дигитални сензори за мерење на шеќерната болест.
„Со Одлуката вршиме реалокација на средства во интерес на социјалниот аспект, односно главните реалокации се токму во насока на поддршка на граѓаните и стандардот – покачување на платите во јавниот сектор за 10% и обезбедување на К-15 согласно Одредбите од општиот колективен договор за вработените во јавниот сектор,
пораст на пензиите за околу 6% согласно воспоставеното системско решение, зголемување на средствата за социјални трансфери, субвенции за земјоделците, поддршка на домашните и странските компании и обезбедување средства за деветтиот пакет на антикризни мерки.
Нашата цел е поддршка за граѓаните, за што е можно повеќе да ги олесниме ценовните притисоци, а истовремено да ја задржиме и развојната компонента на Буџетот, со повисоко ниво на планирани капитални инвестиции во однос на буџетскиот дефицит. На ваков начин продолжуваме со стратегијата за заздравување на економијата пред се, преку заштита на стандардот на граѓаните, а понатаму и преку забрзување на економскиот раст“, рече министерот Бесими.
Тој додаде дека потребните прилагодувања во Буџетот се направени преку реалокација на средствата од ставки каде има послаба динамика на реализација и каде процесите дозволуваат да се направи намалување, при што истите се насочени кон позиции каде има потреба од зголемени средства согласно утврдените приоритети и преземените законски обврски.
„На ваков начин не се отфрла ниту еден капитален проект за понатамошна реализација, а истовремено капиталните расходи остануваат на повисоко ниво од буџетскиот дефицит, односно остануваме на златното правило во финансиите – да се позајмува само за инвестиции и развојни цели.
Со оваа одлука обезбедуваме дополнителни средства за утврдените приоритетни потреби, а притоа буџетскиот дефицит останува ист, непроменет во номинален износ, со што се докажува посветеноста кон постепена фискална консолидација“, потенцира министерот за финансии при образложението на Предлог-одлуката.
Министерот наведе дека со Одлуката се врши реалокација на 18,2 милијарди денари кои се обезбедени по основ на заштеди од помалку реализираните расходи кај одредени буџетски корисници, како и со дополнително обезбедените средства по основ на КАПЕФ механизмот. Средства се обезбедени и преку заштеди и остварени повеќе приходи од придонеси.
За исплата на зголемувањето на платите на вработените во јавниот сектор за 10% од овој месец и исплата на регрес за годишен одмор во висина од 10.000 денари се обезбедени со Одлуката 4,25 милијарди денари, за пораст на пензиите за околу 6% за 336 илјади пензионери почнувајќи од месец септември 2023 година 3,5 милијарди денари, 1,81 милијарда денари за државна помош за компании и тоа: за домашни компании 581 милион денари, за странски компании 200 милиони денари и за компании и инфраструктурно уредување во ТИРЗ зоните 300 милиони денари, 800 милиони денари се наменети за земјоделски субвенции, пред се за субвенции за млеко, сточарско производство, како и за авансно финансирање на земјоделците за растително и сточарско производство, 650 милиони денари за исплата на МОЈ ДДВ за третиот квартал заради зголемувањето на лимитот на повратот, 600 милиони денари за исплата на социјалните права за 36.000 корисници на гарантирана минимална помош, 290 милиони денари се наменети за исплата на студентски оброк за 29.000 корисници, стипендии за 6.900 студенти и 9.600 ученици, 200 милиони денари за редовно сервисирање на породилните боледувања, 166 милиони денари за превод, печатење и откуп на учебници за основно и средно образование, 110 милиони денари за справување со Африканската чума, 100 милиони денари за набавка на лекот „Трикафта“ за 55 пациенти, како и 20 милиони денари за дигитални сензори за мерење на шеќерна болест.