Оваа година Европа доживеа безмилосни топлотни бранови, кои предизвикаа температурите во некои делови на континентот да скокнат над 40°C, пишува британски Експрес.
Екстремните временски настани ги загрижија и научниците и жителите, убедени дека причината се климатските промени и последиците од глобалното затоплување.
Шпанија, Италија и Франција се меѓу европските дестинации кои оваа година доживеаја екстремни горештини, а на некои места, како Родос и Сицилија, беа придружени со пожари кои „голтаа“ се пред себе.
Сепак, како што почна да пристигнува есента, Велика Британија, како и остатокот од Европа, ќе се соочи со последните летни температури.
Според NetWeather, температурите ќе достигнат до 40°C во некои делови од Европа. Се предвидува дека Шпанија и Португалија ќе бидат најтешко погодени од високите температури од 37 степени. Југозападна Франција, пак, на почетокот на неделата ќе забележи 35 степени Целзиусови.
Предвидениот топлотен бран во октомври доаѓа откако европските земји како Австрија, Белгија, Франција, Германија, Полска и Швајцарија го имаа најтоплиот септември досега. „Метео-Франс“ објави дека просечната температура за септември била 21,5°C, околу 3,5°C над нормата за периодот 1991-2020 година. Во соопштението велат дека во текот на септември биле срушени неколку месечни рекорди.
Неколку километри подалеку, во Белгија, исто така, беа срушени рекорди. Во изјава за „Гардијан“, Дејвид Дехенав од белгискиот Кралски институт за метеорологија рече: „И овде септември беше потопол од јули и август, што не се случило од 1961 година. Белгија никогаш не доживеала толку топол септември“.
Европа ќе доживее необичен октомвриски топлотен бран во период од годината кога температурите вообичаено се намалуваат, а во Велика Британија исто така ќе има невообичаено топло време за овој период од годината. Температурите нема да бидат толку високи, но живата сепак ќе се искачи помеѓу 21°C и 23°C во југоисточниот дел на земјата.